Следејќи го минатото и сегашноста Музејот во Свети Николе, го чува, изучува и презентира културното богатство на овчеполието. Зградата во која е сместена ОУ Народен Музеј Свети Николе е споменик на културата, изградена во периодот од 1924 до 1926 година од минатиот век. Објектот е изграден за потребите на тогашната општинска администрација, па затоа и го носи долго време називот стара општинска зграда.
Автор на проектот е Арх. Проф. Сотир Томовски, еден од првите академски образувани архитекти од Македонија.
Зградата е изградена во неокласичен стил, распространет во овој период на овие простори со цел што поголемо доближување до европските традиции и интензивирање на комуникациите со европските земји.
Проектот говори за добро обмислен функционален објект за потребите на тоа време а со својата Архитектура станува знак и репер на централното градско подрачје. Во текот на експлоатацијата, како објект служи за сместување на општинските административни единици, подрачна единица на Министерството за труд и социјална политика и седиште на др. општествени организации.
Формирањето на Општинската музејска збирка е во 1981 год. и се должи на селектираниот и презентиран археолошки материјал. Музејската збирка со зголемувањето на прибраниот материјал и фундус на предмети, прерасна во Народен Музеј – Свети Николе во 1994 год. Со Одлука на Собранието на Општина Свети Николе од Октомври 1991 година објектот е доделен на користење на тогашната музејска збирка, а сега Народен Музеј Свети Николе.